СЛОБОДА
е дете што немирно расте

Марина Вељковски

Животот тече како река и те носи на сите страни без да те праша каде сакаш да бидеш! Те потопува во реката и те вади да земеш воздух на секунда пред давење. Ти носи луѓе со многу поинакви размислувања од твоите. Те покорува пред непријателите. Те посрамотува пред пријателите. Те растревожува со мали и големи нешта и понекогаш те води во искушенија на кои тешко можеш да останеш имун.

Една мисла илјада зборови, а можеби и повеќе; а бремето натежнува на рамениците и те турка надолу. Изборот го правиш само ти самиот и единствено ти си одговорен за своите постапки. Светлината од горе те мами да го кренеш погледот и да ги забележиш минувачите. Сите се’ движат со иста брзина, но во различни насоки. Никој не фрла поглед кон тебе и не ти дава рака да се исправиш.

Животот е како мрежа од тенок конец исплетена и во неа како од пајажина си ја плетеш приказната. Иако пајажината е тенка и се кине, таа секогаш се наоѓа највисоко и не може секој да дојде до неа. Ти како создавач на истата, ја знаеш нишката која може да ја расплете приказната во една секунда. А пајажината всушност е прекрасна и ако умееш да ја негуваш, во скок ќе те крене до небото. Ќе те вивне до облаците и ќе земеш малку од памукот. А и ќе те нурне во океанот за да го видиш скриеното богатство и кога ќе излезеш на површина со полно срце и душа, ќе те фрли и тресне од карпите за да се замислиш дека не е злато се што сјае.

Чекорот се успорува, а мислата врви и врви и не застанува. Нови лица и нови пријателства.Тремор да бидеш онаа што си всушност Ти Вистинскиот! Во корпите на дрвјата наместо птици, кафези со птици. И на сите кафези еден клуч со привезок на кој пишува: ПОИНАКВО!

„Слобода е сонце над бистрата река.

Слобода е в’поле детелинка мека.

Слобода е песна распеана мила.

Слобода е птица со шарени крилја.

 

Слобода е дете што немирно расте.

И денот како солза во смеа го пласти.

Слобода е песна распеана мила.

Слобода е птица со трепетни крилја.“

А кафезот шарен со сите луксузи внатре, па дури и воздухот ист го дишеш. Околу тебе сите што ги сакаш и што се секогаш тука за тебе. Но се обидуваш да ги рашириш крилјата во лепеза и немаш доволно место. Тесно, претесно. Воздухот станува густ, а небото темно. Облаците надвиснуваат над тебе полни со вода и секој миг е прашањето:

„КОГА?“

И ПУКАААААА…….

Kафезот стаклен се распарчува во ситен мозаик што прави слика профилна од твојата душа. Конечно крилјата раширени и во висина кренат погледот. Облаците ја ослободуваат водата и ДОЖД, ДОЖД… врне врз тебе и ја одмива темнината од твојата сенка, веќе премногу црна станата. Се’ влажни почвата под твоите нозе и станува мека.

Од далеку доаѓа вресокот од ехото на твојот испуштен крик. Крик за слобода, крик за почит на волјата твоја, крик за мир што допрва доаѓа и те грабнува со звукот на мелодија од појот на самовилите. Силен чекор се слуша, се’ свртуваш и гледаш бел еднорог исправен пред тебе. Убавината негова е бесценета. Сонцето во неговата гривна произведува зраци кои допираат до врвот на рогот и создаваат SВЕЗДА.

Твојата SВЕЗДА ВОДИЛКА!

Пушташ рака да ја допреш гривната и чувствуваш дека низ дланката ти останува златна сончева прашина. Ја враќаш раката и ја ставаш на градите и одеднаш пред очите ти се испишува симболот на слободата.

Кодот на твојата SВЕЗДА ВОДИЛКА!

Срцето започнува да бие пратејќи го ритамот на твојата возбуда. Еднорогот се исправа на задните нозе и испушта ВРЕСОК пратен со молља од небото. Облаците се разбегуваат. Сонцето од гривната се крева високо горе и прави заслепувачки блесок во бескрајната шир. Затвораш очи и се препушташ. Чувствуваш како нешто те крева и започнуваш да лебдиш. Очите затворени, рацете раширени во крилја, косата се лелее и започнува танц со ветерот. Му се препушта на ветрот и тој ја плете во плетенка долга и проткаена со златен свилен конец. Капаците ти се лесни и имаш потреба да се изгубиш во мирот што те обзема. Кожата светка со дијамантска обвивка низ неа. Лебдиш во бескрајната шир и телото започнува да ти трепери. Го слушаш ритамот на галопот на ЕДНОРОГОТ.

Во реалноста те враќа допирот на меката подлога од трева и ги отвораш очите. Лежиш на средина во едно широко поле со златно жолта пченка. Наоколу стада од бели коњи и широчина во недоглед. Се исправаш во седечка положба и стануваш. До тебе здогледуваш мала карпа на која стои една дрвена кутија. Ја земаш и ја чувствуваш топлината на дрвото. Одеднаш слушаш глас од далеку ти вели:

,,Отвори ја твојата иднина да видиш што се крие внатре.“

Срцето бие силно и се препотуваш. Рацете се стегаат, а устата се суши. Колениците треперат и стануваш немоќна за движење на рацете. Гласот те бодри:

,,Не плаши се и отвори ја, ти одамна ја изоди патеката на стравот – тоа е веќе твоето минато. Погледни во твојата иднина!“

Го спуштам погледот кон кутијата и ја ставам раката на капакот. Бројам до 3 и го кревам. Внатре празен лист хартија и пенкало во дијамантска изработка. На дното на кутија само една реченица испишана:

ИСПИШИ МЕ СО УБАВИНАТА ОД ТВОИТЕ ЖЕЛБИ

 

 

Вашият коментар

Вашият имейл адрес няма да бъде публикуван. Задължителните полета са отбелязани с *